Разговорите продолжуваат и сметам дека нема потреба да се драматизираат работите, а особено не да се поставуваат реципрочни ултиматуми. Сите се согласни околу главните појдовни точки: прво, за здравјето на граѓаните не може да се преговара и второ, воспоставувањето легитимен парламент е неопходно за земјата да може да се справува со предизвиците во овој критичен период и да може да се прифати, а потоа и да се користи меѓународната помош брзо и ефикасно. Но, да не бидеме наивни: постојат и политички калкулации околу датумот, така што се верува дека побрз или подоцнежен датум ќе биде во корист или ќе им наштети на едните или на другите. Околностите се премногу сериозни за да не се изнајде заедничко компромисно решение со разумен датум и со надеж дека вирусот ќе има разбирање, што пак не е сигурно. Практичните размислувања на Државната изборна комисија околу времето потребно за добра подготовка на списоците, исто така, треба да бидат земени предвид за неоспорен резултат, вели во интервју за весникот ВЕЧЕР, францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние.

 

 Весна МИЌИЌ БОЖИНОВСКА 

 

Лидерите на македонските политички партии и во вториот обид не договорија датум за избори. Влегува ли Македонија во сериозна политичка криза? Лидерот на СДСМ, Заев најавува избори на 21 јуни, опција без опозиција. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ не е за избори пред септември. Дали избори без опозиција би биле кредибилни, а со тоа и новата македонска Влада?

Разговорите продолжуваат и сметам дека нема потреба да се драматизираат работите, а особено не да се поставуваат реципрочни ултиматуми. Сите се согласни околу главните појдовни точки: прво, за здравјето на граѓаните не може да се преговара и второ, воспоставувањето легитимен парламент е неопходно за земјата да може да се справува со предизвиците во овој критичен период и да може да се прифати, а потоа и да се користи меѓународната помош брзо и ефикасно. Но, да не бидеме наивни: постојат и политички калкулации околу датумот, така што се верува дека побрз или подоцнежен датум ќе биде во корист или ќе им наштети на едните или на другите. Околностите се премногу сериозни за да не се изнајде заедничко компромисно решение со разумен датум и со надеж дека вирусот ќе има разбирање, што пак не е сигурно. Практичните размислувања на Државната изборна комисија околу времето потребно за добра подготовка на списоците, исто така, треба да бидат земени предвид за неоспорен резултат.

Дали брзи избори не се руски рулет за здравјето на луѓето?

Вашето прашање е особено интересно за мене, затоа што Франција размислува да го организира вториот круг од своите локални избори кон крајот на јуни или наесен. Една студија за последиците од првиот круг на изборите од 15 март, кога кривата на епидемијата беше растечка, не овозможи статистички да се констатира зголемување на бројот на заразени лица поради спроведеното гласање. На денот на првиот круг од изборите, беа спроведени бројни мерки на претпазливост, а голем број гласачи претпочитаа да останат дома. Додека епидемијата се повлекува, надлежните научници сметаат дека вториот круг може да се одржи на 28 јуни, но со многу ограничена кампања и силни мерки на претпазливост. Некои стравуваат дека голем број гласачи ќе бидат и понатаму претпазливи, со што постои ризик од ниска излезност, особено кај „повозрасната популација“, а други пак сметаат дека постои политичка потреба и дека ризикот е разумен. Во тек се дискусии меѓу властите и политичките сили: сите веруваат дека на крајот мора да се најде решение и тоа веројатно нема сосема да задоволи ниту една од страните. Се разбира, ништо нема да се случи без конечна здравствена проценка, на две недели пред гласањето. Затоа, се размислува и за „план Б“, односно спроведување на изборите наесен.

Македонија, некако во сенка на ковид-19 стана членка на НАТО и доби зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ. Но, датум за старт на преговори не доби! Кога може да се очекува Македонија да ги почне преговорите кога нема датум? Како ова да се толкува? Ќе добиеме ли конечно датум за старт? Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, неделава изјави дека извештаите за реформскиот напредок на земјите од Западниот Балкан се одлагаат за септември, но не и преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија. Дали ова е сигнал дека Брисел нè става на приоритетна листа и дали, доколку нашите политичари не постигнат договор за датум за избори, можеме многу лесно да бидеме тргнати од приоритетната листа и оставени за наесен?

По усвојувањето на новата методологија, на која Франција работеше многу, „возот сега тргна по шините“ со оглед на тоа што Советот едногласно го прифати започнувањето на преговорите. Никој веќе не се сомнева дека приоритет на Унијата е да биде активно присутна во земјите од Западен Балкан, кои на крајот од преговарачкиот процес ќе пристапат во рамките на обновената Европска Унија. Франција инсистира оваа политичка заложба да биде заснована на вистински напредок во областа на владеењето на правото, но исто така и со финансиски придонес од страна на земјите членки за поддршка на реформите и економската и социјалната конвергенција на овие земји кон европската реалност. За таа цел, секако треба да имаме легитимни и сериозни соговорници, кои се избрани на слободни и фер избори. Тоа е потребно за да може конкретно да се спроведе нашата програма за помош. Извештајот за напредокот се очекува да направи преглед на состојбата со реформите: ќе биде охрабрувачки, доколку е позитивен, за да се оди напред со преговорите. Едно е сигурно: функционална демократија и продолжување на реформите е она што ние минимум го очекуваме.

Дали според новонастанатата состојба и сигналите што ги праќа Бугарија, таа може да биде нова пречка на патот на Македонија во ЕУ, со оглед на фактот што ЕУ не нè сака со нерешени прашања и проблеми?

Постои договор за пријателство кој е билатерално и меѓународно прифатен документ. Тој обезбедува основа за понатамошни разговори за историски и симболични теми кои имаат и емотивен карактер, односно прашања од областа на внатрешната политика, кои се од особено значење за двете земји. Во вашиот случај, секако постои и она чувствително прашање за идентитетот, со оглед на заедничката историја и блискоста на јазикот што се зборува во соседната држава. Очекуваме тековните дискусии во рамките на комисиите формирани со Договорот за пријателство да се одвиваат во духот на европската одговорност, од едната и од другата страна. Ние ги поддржуваме сите напори што ќе го консолидираат постигнатиот напредок, како на пример оној околу средновековната историја. Политичките сили треба да покажат почит и воздржаност без притоа да постојат обиди за понижување на другата страна. Девизата „Обединети во различностите“ започнува со препознавање на она по што се одликуваат двете страни, да се препознае идентитетот без скриени намери или мотивирани барања од таква природа. Треба да се пронајде духот на копретседателството со Берлинскиот процес што го споделуваат двете земји и да се даде целосно и конкретно значење на оваа европска заложба.

 

Кога почна пандемијата не заминавте од Македонија, како некои ваши колеги дипломати. Сметате дека Македонија има сигурен здравствен систем и што мислите како се справува со ковид-19?

Амбасадата продолжи да работи, особено за да помогне при враќањето на наши државјани и граѓани со двојно државјанство во Франција, па и на Македонци кои живеат во Франција. Со нашите европски колеги, се обидовме заеднички да ги реализираме тие напори и да најдеме решение за некои медицински или хуманитарни случаи, со мошне ефикасна поддршка од Министерството за надворешни работи. Нашата заедница и нашите власти постојано беа информирани за случувањата. Исто така, им се придруживме на напорите на други амбасади во рамките на активностите за поддршка на институциите, како што е Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство или одреден број невладини организации кои активно им помагаат на луѓето погодени од кризата, со цел нашата солидарност да добие и конкретни димензии. Земјата реагираше, ми се чини, со своите расположливи средства и капацитети. Секако дека е премногу рано да се донесе конечна проценка, но на наше ниво, ние констатиравме дека постои јасна комуникација, добра соработка и посветеност на здравствениот персонал. Европската Унија исто така силно и брзо се мобилизираше. Потребно е сега, долгорочно гледано, помошта што пристигнува, како во здравството, така и на економски план, да биде ефективно распоредена на теренот во соработка со надлежните институции. Потребно е населението да остане мобилизирано и да се почитуваат мерките за заштита, заради што поефикасно справување со епидемијата. Тоа е во основата на граѓанското однесување.

 Се најавува уште поголем смртоносен бран на вирусот од есен. Како е можно некој да знае како ќе се однесува вирусот кога сè уште тој е непознаница?

Искуството ни кажува дека имало такви случаи при други епидемии, но јасно е дека никој не знае со сигурност како ќе се однесува вирусот. Затоа, Франција настојува да ги задржи препораките за зголемена претпазливост кога станува збор за патувања ова лето и да ги поттикне граѓаните претпазливо да се однесуваат, како и да се ограничат патувањата надвор од земјата. Може да ни се случи да платиме висока цена наесен ако продолжиме да живееме нормално на изглед, ако вирусот е сè уште присутен и циркулира ова лето, особено преку туризмот доколку не се почитуваат препораките. Појавата на втор бран, исто така, многу зависи од нас.

Освен човечки животи, светската економија трпи големи загуби. Веќе ништо не е и нема да биде исто. Каде е излезот од овој тунел? Светот е впрочем во биолошка војна. Со вирус, какви се јавуваат низ историјата на 100 години. Во секоја војна некој губи, но некој и добива. Кој во оваа војна мислите дека ќе профитира?

Терминот војна ефикасно ја отсликува потребната мобилизација и деструктивниот потенцијал на феноменот. Тој е помалку карактеристичен за некои други аспекти кои се поврзуваат со терминот војна: не постои можност за „преговарање“ или воспоставување некаков мировен договор, но треба да се преземат мерки за да се задржи епидемијата, да се лекуваат болните и да се пронајде вакцина што е можно побрзо. Пристапот мора да биде сеопфатен за да биде навистина ефективен. Од таа причина, Франција настојува да се воспостави координирана меѓународна активност на сите нивоа (вклучително и при отворањето на границите), а особено за обезбедување на вакцина за сите, без национален егоизам или волја за стекнување некаков недоличен профит. Овој пристап е во согласност со нашата желба да се воспостави меѓународен пристап кон овие кризи: било да се работи за климатските промени, за загадувањето или пандемиите, ниту една држава, колку и да е моќна, не може да дејствува сама и за своја полза. Постои, се разбира, спротивен ризик, како што е затворање на национално ниво и обновување или создавање на некои нови империјалистички ставови, но оваа криза нуди можност за пореален пристап кон фактот дека меѓусебно зависиме едни од други.

 До каде е потпишувањето на договорот за влез на Француската агенција за развој во Македонија?

Разговорите добро напредуваа: сега ги вршиме последните адаптации, со голема желба да успееме од обете страни, како што ми рече вашата министерка за финансии. Се надеваме дека наскоро ќе може да започнеме со реализација на проекти во областа на здравството, на животната средина и климата. Истото важи и за научниот договор што го подготвивме меѓу двете држави. Додека одговарам на вашите прашања, ме информираа дека штотуку е прифатен предлогот за набавка на респиратори и обука за персонал во соработка со француските универзитети, наменета за Медицинскиот факултет во Скопје, во рамките на Меѓународната организација на Франкофонијата во која членува и вашата земја. Оттука, разбирате зошто посакуваме нашите македонски соговорници, откако ќе завршат изборите, да бидат што е можно поскоро во состојба да потпишуваат договори и да соработуваат. Да не губиме време, помалку од кога и да било, за да напредуваме!

 

 Не можеме да очекуваме вакцина за ковид-19 пред крајот на 2021 година

 Според пишувањата на медиумите, Франција работи на вакцината. Знаете ли нешто повеќе за ова, кога може да се очекува?

Во врска со роковите, претседателот Макрон беше искрен: не можеме да очекуваме вакцина пред крајот на 2021 година; треба да се пронајде, да се тестира и да се произведе! Нашата цел е оваа вакцина да биде глобално јавно добро со еднаков пристап за сите. Во тек се јавни истражувања во Институтот Пастер со спроведување на оперативен план за дејствување во неколку насоки, во соработка со други француски и европски институции. Што се однесува до приватниот сектор, француската компанија САНОФИ соработува со американска компанија и секоја од нив вложува свои напори. Клиничките испитувања се очекува да започнат кон средината на 2020 година и доколку бидат успешни, тоа ќе го отвори патот за вакцина во втората половина на 2021 година. Франција учествуваше во иницирањето на меѓународен повик („Алијанса за мултилатеризам“) кој треба да доведе до заеднички одговор и собирање финансиски средства за да се надмине овој толку голем предизвик, кој ги надминува границите на која било компанија или земја. „Ни треба силна соработка и солидарност за да се бориме против ковид-19“