Али Ахмети влегува во ЕУ за три години

По предвидувањата на премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и шефот на дипломатијата Бујар Османи дека е реално земјава да се приклучи кон Унијата до 2030 година, сега лидерот на ДУИ, Али Ахмети, излезе со уште пооптимистичка прогноза. Тој изјави дека е голем оптимист за тоа кога ќе влеземе во ЕУ и според него за 3-4 години земјава ќе биде членка на Унијата, затоа што околностите се смениле во таа насока. За разлика од оптимизмот кај власта и 2030 година, која се наметнува како маркетинг за идното опипливо приклучување на Македонија во ЕУ, само ако се преземат „потребните чекори”, т.е. се направат уставните измени, истражувањата на јавното мислење во последниот период покажуваат пад на поддршката за ЕУ кај македонските граѓани и пораст на евроскептицизмот 

60

Оптимизмот кај политичарите на власт за членството на Македонија во ЕУ го достигна врвот. По предвидувањата на премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и шефот на дипломатијата Бујар Османи дека е реално земјава да се приклучи кон Унијата до 2030 година, сега лидерот на ДУИ, Али Ахмети излезе со уште пооптимистичка прогноза. Тој изјави дека е голем оптимист за тоа кога ќе влеземе во ЕУ и според него за 3-4 години земјава ќе биде членка на Унијата, затоа што околностите се смениле во таа насока. Ахмети и во оваа пригода порача дека треба да се направат уставни измени, за што треба да има помирување меѓу сите субјекти што имаат одговорност за судбината на државата. Лидерот на ДУИ е оптимист и дека такво помирување може да се постигне и дека сите ќе ги стават интересите на државата и иднината на генерациите пред политичките интереси дали ќе победат на избори.

 -Јас сум оптимист, секогаш сум бил и ќе останам. Без да се крене белото знаме. Поминавме многу соочувања и тешкотии и постигнавме успешно да ги завршиме важните поглавја и за државата и за стабилноста. Најголемите оптимисти не мислеа дека некогаш ќе бидеме членка на НАТО, но тоа сега е реалност. И големите оптимисти не би верувале дека Македонија како мултиетничка држава може да биде пример за решавање на проблемите. Ако некогаш сме мислеле дека ќе ни требаат 10 години за членство во ЕУ, сега јас верувам дека за 3-4 години ние ќе бидеме членка на ЕУ бидејќи и околностите се сменија во полза на тоа овој пат да се забрза, рече лидерот на интегративците вчера на дебатата на тема „Европски фронт”, организирана за годишнината на ДУИ.

Во изминатиот период, особено последните месеци се засили и притисокот од меѓународната заедница за земјава да го промени Уставот и да ги внесе Бугарите во Преамбулата за да може да продолжи по евроинтегративниот пат, а македонските политичари од власта на интензивни средби со европски лидери заеднички упатуваат пораки дека уставните измени се неминовни доколку земјава сака да оди напред кон ЕУ, а не во изолација.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите учеснички на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), во Будва, вчера и се заблагодари на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која минатата недела во Братислава најави нов план за Западен Балкан. За Османи, тој план е  „навремен одговор на нашата молба за поголема интеграција пред членството во ЕУ” и треба да донесе некои од придобивките од членството за луѓето од Западен Балкан веќе денес.

И покрај бројните оптимистички изјави за членство на земјава во ЕУ до 2030 година, премиерот Ковачевски во своето обраќање на панелот на темата „Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“ во рамки Глобалниот безбедносен форум ’Глобесек 2023’ во Братислава, минатата недела рече дека ЕУ по војната во Украина ја сфати стратешката грешка што ја направи пред неколку години кога беше наметнато вето на европскиот пат на Македонија и на Албанија, но таа грешка не може да се поправи за пет минути, туку ефектот од неа ќе го трпиме најмалку пет до десет години.

Во своето обраќање на форумот „ЕУ – Западен Балкан“ кој се одржа во Софија минатиот месец, еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји, најави дека оваа година ќе биде клучна за процесот на проширување на Европската Унија поради промените кои ќе доведат до поефикасен начин на проширување на Унијата и упати порака до земјите кандидати за членство дека е време да се носат храбри одлуки.

„Проширено европско семејство до 2030: (не) возможна мисија“ е слоганот под кој на средината на овој месец ќе се одржи третиот Преспа форум за дијалог.

За разлика од оптимизмот кај власта и 2030 година која се наметнува како маркетинг за идното опипливо приклучување на Македонија во ЕУ, само ако се преземат „потребните чекори”, т.е. се направат уставните измени, истражувањата на јавното мислење во последниот период покажуваат пад на поддршката за ЕУ кај македонските граѓани и пораст на евроскептицизмот.

Според истражувањето кое Институтот за политички истражувања го направи за емисијата Детектор од 2 до 6 минатиот месец врз репрезентативен примерок од 1.112 испитаници, дури 42,1 отсто од анкетираните се на ставот дека земјава никогаш нема да стане дел од ЕУ, 16,1 отсто се на линија со политичарите од власта и очекуваат членство во наредните 10 години, 14,3 отсто во наредните 15, а 8,7 отсто очекуваат да се зачлениме во наредните пет години. Само 1,7 отсто од анкетираните се поголеми оптимисти и од Ахмети и сметаат дека во ЕУ ќе се зачлениме идната година.

Според оваа анкета, секој четврти граѓанин е против членство во Европската Унија. Историски гледано, ова е најниска поддршка за членство во Европската Унија измерена досега. Анализата на последните три анкети кои Институтот ги спровел во последните четири години покажува дека од 2019 до денеска, поддршката значително опаднала. Ако во 2019 67,4% од анкетираните давале поддршка за членство во Европската Унија, бројката во 2020 паднала на 65,5% за денеска да се спушти на најниското ниво од 55,8%. Од 17,3% колку што се противеле на членството во Европската Унија во 2019, бројката скокнала на 24,8% денеска што значи дека секој четврти граѓанин на Македонија е против членство во Европската Унија. Најголеми поддржувачи на зачленувањето во ЕУ се младите, а најголеми противници граѓаните меѓу 30 и 40 години. Евроскептицизмот го билдаат Македонците, бидејќи против членството во ЕУ е секој трет Македонец, а 93 отсто Албанци се „за“. (В.С.Н.)