Дома БАЛКАН Албин Курти избран за нов премиер на Косово

Албин Курти избран за нов премиер на Косово

48

Предлогот на Курти беше усвоен со 66 гласа „за”, десет „воздржани” и без ниеден глас „против” во 120-членото Собрание на Косово. Пред самиот чин на гласање, собраниската сала ја напуштија пратениците на опозициските партии на Албанците, Демократската партија на Косово, Алијансата за иднината на Косово и Социјалдемократската иницијатива, а воздржани беа десетте пратеници на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ).

Идниот кабинет на Курти ќе има 15 министерства и двајца вицепремиери. По шест од министерствата се доделени на ВВ и на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), две ќе ги води Српската листа и едно групата „Г-6″ на другите немнозински етнички заедници.

Министри од редовите на Самоопределување се: Албулена Хаџиу за правда, Глаук Коњуфца за надворешни работи, Бесник Бислими за финансии, Розета Хајдари за економија, Арбен Витиа за Здравство и Блерим Река за евроинтеграции, додека на местото втор вицепремиер е избран Хаки Абази.

Прв вицепремиер ќе биде Авдулах Хоти од ЛДК, додека министри од партијата на Иса Мустафа ќе бидат и Антон Ќуни за одбрана, Агим Велиу за внатрешни работи, Љумир Абиџику за инфраструктура, Бесиан Мустафа за земјоделство, Хикмете Бајрами за образование и Вљора Дурмоши за Култура.

Од претставниците на СЛ министер за заедници и враќање ќе биде Далибор Јевтиќ, додека министер за регионален развој Иван Милојевиќ.

Член на кабинетот на Курти од немнозинските етнички заедници ќе биде Емилија Реџепи која ќе го води ресорот на администрација и локална управа.

По положувањето на заклетвата, новиот косовски премиер одржа пригоден говор, во кој порача дека ќе владее отчетно и транспартно, врз основа на волјата на граѓаните.

Курти вети напорна работа за подобрување на животот на сите граѓани на државата, а на надворешен план нагласи дека Косово ќе остане на патот на евроатлантските интеграции и ќе ги негува врските со земјите сојузнички, при што посебно ги спомена Албанија и Соединетите Американски Држави.

Денеска отвораме ново поглавје. Она што се чинеше невозможно изгледаше така само на прв поглед и еден народ кој го одби потчинувањето ја направи промената. Денеска не победија ВВ и ЛДК, победија граѓаните на Косово кои секогаш кога се соочуваа со неправда се креваа на нозе. Ветувам дека ќе бидам премиер на сите, ќе го слушам гласот на секој граѓанин, изјави Курти.