Албанските овчари веќе не ги пасат македонските, туку грчките овци

Поради незаинтересираноста на младите да се занимаваат со оваа професија во последниве години на македонските пасишта сè почесто можат да се сретнат албански овчари. Но поради повисоките плати и подобрите услови во Грција во последно време и тие почнаа да ја избегнуваат Македонија. Поради тоа, сточарите размислуваат да ги симнат овците од планините и да се преориентираат на шталско чување

150

Сточарите во Македонија мака мачат да најдат овчар, иако нудат плата од 500 евра. Последниве години овој проблем го решаваат со ангажирање на овчари од Албанија. Од Сојузот на овчари на Македонија повеќе од две години од Министерството за труд и социјална политика бараат дел од лицата кои примаат социјална помош, а кои се работоспособни да се обучат и да работат како овчари и мандраџии, но оттаму уште немаат одговор.

Претседателот на Сојузот на овчари, Никола Георгиев за весникот ВЕЧЕР вели дека нашите овчари за повисоки плати одат да работат како овчари во Германија и Швајцарија, а овчарите од Бугарија, пак, одат во Шпанија.

-Во државата има голем недостиг на овчари. Ние како Сојуз на овчари од МТСП баравме преку Центарот за образование на возрасни да се обучат кадри од ранливи групи кои се приматели на социјална помош и кои се работоспособни. Освен овчари бараме и мандраџии и работници за преработка на млеко и производство на сирење, вели Георгиев и додава дека и покрај тоа што овој проблем постои повеќе години наназад, а од државата сè уште нема никакво решение.

Поради недостигот на работници и во оваа гранка во последно време работници се увезуваат од надвор. Работници од Албанија во нашата држава веќе работат во повеќе сектори, а во последниве години сè поприсутни се во овоштарството за берба на јаболка и во сточарството, како овчари и мандраџии.

-Во последниве години ангажираме овчари од Албанија. Но, поради повисоките плати кои се нудат во Грција, албанските овчари во последно време почнаа да ја избегнуваат Македонија и да одат во Грција каде имаат регулиран престој и работни визи, вели претседателот на Сојузот на овчари.

Поради незаинтересираноста на младите да се занимаваат со оваа професија се  намалува сточниот фонд во земјата. Оваа состојба трае подолго време и се заканува да го уништи традиционалното одгледување на животни. Сточарите размислуваат да ги симнат овците од планините и да се преориентираат на шталско чување. Тоа во многу случаи ќе значи и крај на традициите за подготовка на бело сирење во мандри, изумирање на старите рецепти и затворање на многу бизниси кои опстојуваат во оваа дејност.

Од Здружението на одгледувачи на автохтоната раса овци овчеполка праменка, велат дека освен овчари мора да се поработи и на подобрување на условите и на инфраструктурата на планинските пасишта до кои нема пристапни патишта, струја, вода… (А.С.)