Алармот вклучен со денови:Недостаток на млечна формула за бебиња во САД, Конгресот отпочнува истрага

34

Соединетите држави со денови се соочуваат со недостиг на формула за новороденчиња на национално ниво, поради што надзорниот одбор на Претставничкиот дом соопшти дека планира да ја истражи работата на четирите најголеми производители на вештачки производи и да открие како да го зголеми производството.

„Недостигот од формула за бебиња е криза за американските семејства“, објави одборот на Твитер, пренесе Гласот на Америка.

Во меѓувреме, интересот за банките за млеко порасна, мајките се понудија да го донираат своето млеко, а очајните родители бараат помош од државата за да можат да ги прехранат своите деца, објави АП.

На родителите им се советува да разговараат со своите педијатри или да се јават во локалните банки за храна, како и да посетуваат помали продавници и аптеки кои можеби сè уште имаат залихи и кога големите синџири се без формула.

Членката на Претставничкиот дом, Керолин Мелони, која го предводи комитетот, испрати писма до Абот, Мид Џонсон, Нестле САД и Периго, барајќи информации за недостигот на млечна формула, објави Еј-Би-Си њуз.

„Националниот недостиг на формула е закана за здравјето и економската безбедност на бебињата и семејствата во заедниците низ целата земја – особено оние со пониски примања кои историски страдаат од нееднаква здравствена заштита, вклучително и несигурност во храната“, се вели во писмото.

Според Гласот на Америка, проблемите започнале минатата година, кога пандемијата на Ковид-19 доведе до прекини во работата, транспортот и пристапот до суровини.

Инвентарот беше дополнително намален бидејќи некои родители акумулираа залихи млечна формула за време на пандемијата. Потоа, во февруари оваа година, Abbott Nutrition повлече неколку главни брендови на млечна формула во прав и ја затвори фабриката во Мичиген по поплаките дека четири бебиња имале бактериски инфекции откако биле хранети со формула од таа фабрика.

Проблемите во синџирот на снабдување и високата инфлација продолжуваат да придонесуваат за недостиг, поради што во продавниците моментално недостигаат околу 40% од производите за детска формула на национално ниво, според Датасембли.

Помалку од половина од бебињата родени во САД се хранат исклучиво со мајчино млеко во првите три месеци од животот, покажуваат податоците на Центрите за контрола и превенција на болести.

Некои производители го зголемуваат производството со недели, а официјалните лица исто така се фокусираат на тоа како побрзо да ја достават формулата до продавниците, рече Брајан Дис, директор на Економскиот совет на Белата куќа.