Ако Скопска Црна Гора ја има Спирова колиба, Водно ја има колибата Дрен

436

Ако Скопска Црна Гора ја има Спировата колиба, Водно ја има колибата Дрен. Планинарката Станимирка Лола Тасевска која нема педа што не ја пропешачила на двете планини кои се заштитнички на градот Скопје, вели дека двете колиби за значајни за оние што ги посетуваат. Им даваат засолниште на патниците намерници и се место за убаво поминување во природа. – Колибата е изградена во 2006 година, на моја иницијатива, како идејно и архитектонско решение. По изградбата, се изведуваат разни активности-посети на ученици, граѓани од месни заедници, од Мисијата на ОБСЕ, од ЈП „Паркови и зеленило“, Противпожарниот сојуз и од други институции. Многу посетители кажуваат дека колибата е уникат на Балканот и пошироко. Сé што е поставено внатре е уникат (килими, черги и друго) и е направено од нашите баби и мајки, вели Ѓорѓија Ацковски

Ако Скопска Црна Гора ја има Спировата колиба, Водно ја има колибата Дрен. Планинарката Станимирка Лола Тасевска која нема педа што не ја пропешачила на двете планини кои се заштитнички на градот Скопје, вели дека двете колиби за значајни за оние што ги посетуваат. Им даваат засолниште на патниците намерници и се место за убаво поминување во природа.

Во весникот ВЕЧЕР, деновиве, ја раскажавме приказната за настанувањето на Спировата колиба на падините на Скопска Црна Гора. Слична таква има над селото Горно Нерези, над црквата „Свети Пантелејмон“ и сите планинари ја знаат како колибата Дрен.

– Колибата е изградена во 2006 година, на моја иницијатива, како идејно и архитектонско решение. По изградбата, се изведуваат разни активности-посети на ученици, граѓани од месни заедници, од Мисијата на ОБСЕ, од ЈП „Паркови и зеленило“, Противпожарниот сојуз и од други институции. Многу посетители кажуваат дека колибата е уникат на Балканот и пошироко. Сé што е поставено внатре е уникат (килими, черги и друго) и е направено од нашите баби и мајки – вели Ѓорѓија Ацковски.

Странци, планинари и минувачи добро ја знаат колибата Дрен. Оние што доаѓаат за прв пат, а слушнале, прашуваат по пат каде е. Оние што за првпат ја наоѓаат сами, седнуваат восхитени.

– Не се рекло бадијала дека сложни браќа куќа градат. Планинарите од планинарскиот клуб „Дрен“ сложно ја направија колибата – да биде за сите. Секое делче е донесено на раце и со раце е направено. Секое дрвце, трупче, најлонче, трска, черги, прекривки… од мало до големо што се гледа во колибата и околу неа. Сé многупати пофатено, кренато, делкано, составувано, ковано, спојувано, редено – вели Тасевска.

Сé во колибата има македонски здив од минатото. Душа во колоритот.

– Прекривките, простирките, здивот на душата на некоја мајка, баба, жени што ткаеле ред по ред по напорната работа во поле и домашните обврски, на фенерче или на ламба, така уморни одморале очи во шаренилото што го создавале. Дрвено креветче на кат. Ќумбенце на дрва, фенерче, стомна, слика на камен… многу ситници со големо значење. Жардиниери со цвеќе на влезот. Зад колибата – лединка со клупа, преубава глетка кон врвот, кон градот и зимзелена шума во која е шчучурена – опишува таа.

Колибата е отворена во секој момент и за секого. Надвор има многу убаво ѕидано место за скара. Внатре, пак, на масата е книгата за впечатоци, во неа само пофалби и признание за трудот и гостопримството, да не се заборави. Ацковски вели дека претходно, од 2007 до 2015 година, била пополнета една книга за впечатоци само со пофални зборови.

Љубителите на планинарењето со пофални зборови за вредните планинари кои ја изградиле колибата во време кога планинарските домови на Водно ја губат намената за која биле изградени.

– Пролетва поминав одовде, но прв пат налетав на колибата пред три-четири години и пријатно се изненадив. Како студент, преспивав во планинарски домови (имаше неколку активни), подоцна од Чесите купив шаторче за да спијам веднаш покрај река, па скоро и да заборавив како изгледа колективен престој во недвижен објект на планина – вели Симо Георгиев.

Инаку, двапати годишно се организираат екоакции за чистење пошироко околу колибата, а дополнително се примани нови членови, кои активно учествуваат во одржување на колибата.

(С.Бл.) – Фото: С.Т.