Ако не нè изеде, инфлацијата ќе се скроти за неколку месеци

Поголем дел од притисокот врз цените се очекува да исчезне до средината на 2022 година. Но, властите мора да останат будни и да дизајнираат мерки кои ќе ги заштитат најранливите од евентуални трајни  ценовни ефекти, а притоа нема да му наштетат на постопандемиското закрепнување, прогнозира и препорачува „Фајнанс тинк“ во видео анализа. И гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска вели дека причините за инфлација ќе се исцрпат во 2022 година, а Сања Маџаревиќ-Шујстер од Светска банка смета дека на краток рок ќе има зголемување на инфлацијата, на среден рок нормализирање, а на долг рок цените на енергијата треба да се зголемат

746

Во маркетите и на зелените пазари секојдневно се допишуваат нови цифри во цените на производите, а граѓаните со страв очекуваат и енергетски шок врз и онака истенчените паричници.

Инфлација има и ќе расте, признаа и властите, но експертите алармираат дека потребни се мерки, зашто додека се смири, може да не „изеде“. Според нивните проценки нормализирање би требало да се очекува од почетокот до средината на наредната година.

Светска банка во најновиот извештај за годинава проектира инфлација од 2,4 проценти, која, како што проценува треба да се нормализира уште на почетокот на наредната година. Според аналитичарите на независниот економски институт „Фајнанс тинк“ скротување на инфлацијата би требало да очекуваме до средината на наредната година.

-Поголем дел од притисокот врз цените се очекува да исчезне до средината на 2022 година. Но, властите мора да останат будни и да дизајнираат мерки кои ќе ги заштитат најранливите од евентуални трајни  ценовни ефекти, а притоа нема да му наштетат на постопандемиското закрепнување, прогнозира и препорачува „Фајнанс тинк“ во своето видео за инфлацијата.

Во таа видеоанализа се наведува дека за разлика од минатата деценија со просечна инфлација од 1,4 проценти, овој септември во споредба со минатиот цените пораснаа за 3,7 проценти.

Се посочуваат три фактори кои ги движат цените. Првиот е таканаречениот базен ефект, односно основата за споредба, со оглед на тоа што лани запре потрошувачката на неесенцијалните  производи како што се летувањата на пример, а сега цените на многу производи се значително поголеми од тогаш, но сепак, на слично ниво како во 2019 година.

Вториот фактор според таа анализа е прекинот во синџирот на снабдување, од кој светот уште страда.

-Моментално, синџирот со снабдување со чипови во автомобилската индустрија е целосно прекинат. Но, побарувачката за автомобили расте. Тоа е случај со многу други производи и услуги. Нерамнотежата врз понудата и побарувачката притиска врз цените. Дел од порастот на цените е последица на оваа нерамнотежа, наведува „Фајнанс тинк“.

Третиот фактор се неповолните услови на европскиот континент за производство на таканаречената зелена енергија на која инсистира и во која инвестира Европската унија. Неможноста да се произведе повеќе енергија од ветер, вода и сонце доведе до енормен пораст на цените на електричната енергија и гасот, а дел од порастот се должи и на енергетските дисбаланси.

-Базниот  ефект ќе исчезне во првата половина од 2022 година. Во истата временска рамка се очекува нормализирање на пазарите на интермедијарни стоки и услуги и нормализирање на трговските текови. Цените на енергенсите нема да се намалат оваа зима, особено не без координирана акција на владите сврзана со производството на електрична енергија. Оттука, инфлацијата што ја гледаме сега е главно од привремен карактер. Поголем дел од притисокот врз цените се очекува да исчезне до средината на 2022 година“, заклучува „Фајнанс тинк“, повикувајќи ги властите да останат будни.

Нови проекции за инфлацијата се во подготовка во Народната банка. Според гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, инфлаторните притисоци се предизвикани од надворешни фактори, како што се цените на енергијата и суровините, а не од домашната потрошувачка, која сè уште е на нивото од пред кризата.

-Најголемиот двигател на неодамнешното зголемување на инфлацијата се глобалните цени на енергенсите, пред сè на нафтата и гасот. Притоа, нарушувањата на глобалните синџири на снабдување и „тесните грла“ вршат притисок врз цените на трајните добра, особено по брзото закрепнување на побарувачката. Ефектот од повисоките цени на енергенсите и неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката се очекува да се исцрпи во 2022 година, рече таа смирувајќи дека нагорната ревизија на инфлацијата што ја прави Народната банка, сепак, нема да биде драматична.

Слично анализираат и експерите на Светска банка. Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист за земјите од Западен Балкан, исто така вели дека инфлацијата ќе се нормализира во 2022 година, но, сепак, смета таа, на долг рок ќе расте, зашто зелената енергија на која инсистира ЕУ е поскапа. Слично како и во анализата на „Фајнанс тинк“ и таа вели дека по изминатите години кога немаше речиси никаква инфлација, оваа година веќе има зголемување, по што следи стабилизирање.

-На краток рок ќе има зголемување на инфлацијата, на среден рок нормализирање, а на долг рок цените на енергијата треба да се зголемат зашто кафената индустрија не е модел на раст, појасни таа.

Македонските граѓани кои веќе се во глобалниот инфациски вител, со плати кои се најниски во регионот веќе се на прагот на издржливост. Се уште „стискаат заби“ и се надеваат дека Владата во чиј фокус во моментов се локалните избори, нема да задоцни со мерките со кои ќе им го олесни животот, кои, патем речено, веќе ги преземаат и најразвиените европски економии.

(С.В.)