Ако Бугарите бидат внесени во македонскиот устав, мора и Македонците да бидат внесени во бугарскиот устав!  

285

„Во Бугарија има повеќе Македонци отколку што има Бугари во Македонија и тие треба да бидат внесени во бугарскиот Устав“, вели Стојко Стојков, од партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин во изјавата за Фактор.

Стојков смета дека тоа треба да го побара македонската Влада, но и здруженијата на Македонците во Бугарија.

„Апсолутно треба. Мислам и дека го кажав тоа во некое интервју последните два месеца. Штом преговорите се водат меѓу двете земји, би требало Македонија да го побара. Ние овде ниту сме регистрирани ниту признаени“, вели Стојков. Реагира и Единствена Македонија на Јанко Бачев за тоа што бугарски политичари во последно време се повеќе ја актуализираат идејата за промена на македонскиот устав, со цел, во највисокиот правен акт да се спомене и бугарско малцинство во државата. Доколку Бугарите бидат внесени во македонскиот устав, мора и Македонците да бидат внесени во бугарскиот устав, велат од партијата на Бачев.

Вршителот на должноста бугарски министер за надворешни работи Светлан Стоев дури рече дека промената на македонскиот устав е еден од начините за решавање на проблемите со припадниците на бугарското малцинство во Македонија.

Единствена Македонија нема ништо против овој повик од бугарска страна, но, само доколку до дојде до промена и на бугарскиот устав, со цел, во него да бидат внесени Македонците во Бугарија. Дотолку повеќе, во Бугарија има многу повеќе Македонци отколку Бугари во Македонија.

-Доколку марионетската влада во Скопје не побара и Македонците да бидат внесени во бугарскиот устав и повторно оди против македонските национални интереси и меѓународно правно-признатите начела и норми во оваа сфера, Единствена Македонија ќе преземе потребни чекори во соработка со здруженијата на Македонците во земјата, во соседните земји и пошироко во странство“, велат од Единствена Македонија.

Претседателот на ГДУ, Петар Колев, за БГНЕС вели дека Бугарите во земјава не постојат на законодавно ниво. Тој вели дека не се сложува со премиерот Зоран Заев. „Нивните права не се почитуваат и покрај тврдењата на официјалната власт и лично на премиерот Заев. Бугарите во РС Македонија треба да имаат исти права како сите останати граѓани на РС Македонија“, изјави тој. Рече дека тој е жив, здрав, Бугарин е и живее во Штип. Тврди дека има омраза кон Бугарите во Македонија и кон оние Бугари од Бугарија.

В.М.Б.