Владата распиша јавен повик за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето преку хортикултурно уредување на зелени дворни површини. Право да побараат средства за оваа намена имаат сите општини со висока концентрација на ПМ10 и ПМ 2,3 честички, како и општините кај кои нема инсталирано мерни станици.
Со подигање на зеленило, според условите на Јавниот повик, ќе бидат опфатени дворни места на градинки, основни и средни училишта и здравствени објекти кои што немаат уредени зелени дворишта или имаат потреба за нивно уредување. За таа цел, општината која ќе побара средства за оваа намена, треба да приложи опис и скица за тревна површина, дрвореди со плодородни и хортикултурни дрвја или зелени ѕидови/огради, ароматични билки и слично. Исто така, треба да се приложи и податок за бројот на лица/деца во градинките, училиштата и здравствените објекти. Јавниот повик трае 10 дена, односно барањата треба да се доставуваат најдоцна до 14 февруари 2020 година.
(С.Бл.)