И Вашингтон и Брисел, и политичарите и јавноста во Македонија се согласни дека местото на земјава е во Европската унија, но патиштата се разидуваат кога на маса ќе се стави промената на македонскиот Устав. Меѓунардоната заедница и власта во земјава инсистираат на вметнување на Бугарите во Премабулата, додека опозицијата е децидна дека нема да поддржи уставни измени во овие услови, под бугарски диктат. Поддршка за противењето, според анкетите на јавното мислење, имаат и од граѓаните во Македонија, кои се за членство во ЕУ, но против промената на Уставот.
За разлика од претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која ги повика сите партии во македонскиот парламент да ги поддржат уставните измени и патот на земјата кон Европската унија, амбасадорката на САД во Скопје, Анџела Агелер вели дека не е нејзино да зборува за уставните измени, но смета дека просперитетот и безбедноста на земјава се во нејзиното пристапување кон Унијата.
– Навистина сметам дека не е мое да зборувам за тоа како тече процесот на уставните измени. Јас сум амбасадор на САД. Ние не сме дел од Европската Унија, но кога ја гледам границата и големиот број возила кои влегуваат и излегуваат, сметам дека просперитетот и безбедноста на оваа држава е во нејзиното пристапување и интеграција во Европа и навистина се надевам дека политичарите од сите политички партии во земјава ќе работат кон остварување на тоа. Границата со Грција не потсетува на тешките одлуки што оваа земја веќе ги направи, и знам дека и ова е тешко, но ги охрабрувам граѓаните да им дадат до знаење на нивните политичари дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ, изјави Агелер по посетата на Граничниот премин „Богородица”, заедно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Претходно, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, во објава на својот твитер-профил, а во контекст на нејзината средба со премиерот Димитар Ковачевски во Атина, на неформалната вечера што по повод 20-годишнината од „Декларацијата од Солун“ од Самитот ЕУ – Западен Балкан ја организираше грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, изрази надеж дека сите партии во македонскиот парламент ќе ги поддржат уставните измени и патот на земјава кон Европската унија.
-Добра размена на мислења со премиерот Димитар Ковачевски. Го поздравив поднесувањето на уставните амандмани од неговата влада во Парламентот. Се надевам дека сите партии ќе ги поддржат, за придвижување на европскиот пат на Северна Македонија. Северна Македонија припаѓа во ЕУ, напиша Фон дер Лајен на Твитер.
Ковачевски потврди дека со Фон дер Лајен разговарале за неколку значајни теми, најпрво, за уставните измени.
-Првата тема беа секако уставните измени кои веќе се наоѓаат во собраниска процедура и за кои изразивме и двајцата задоволство што процесот започна. Процесот започна успешно и се надевам, исто како што и Европската унија се надева дека во нашето Собрание ќе има визија, ќе има храбрност, пратениците да донесат една важна одлука која се однесува на продолжувње на европската интерграција на Северна Македонија, вели Ковачевски во интервју за МИА.
По средбата во Атина, од владината прес-служба соопштија дека Ковачевски и Фон дер Лајен ја истакнале важноста од успешно завршување на процесот на уставни измени за натамошниот тек на процесот на европско интегрирање на земјава и разговарале за текот на скринингот и очекуваното отворање на првите кластери од преговорите, како и за тоа дека евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан има геостратешка и безбедносна важност за цела Европа. Ковачевски и Фон дер Лајен потенцирале дека е од клучна важност „да не се пропушти оваа шанса за членство на Северна Македонија во Унијата“. (В.С.Н.)