Автобуски превоз и за жителите на селата Козјак и Аргулица

35

Општина Карбинци, во соработка со штипското јавно претпријатие „Стипион“, ги вклучува и селата Козјак и Аргулица во јавниот градски превоз.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, вели дека, во соработка со Општина Штип и со ЈП „Стипион“, се надополнуваат линиите за јавен превоз во Општина Карбинци.

Тој вели дека ова е исполнување на барањето на жителите од овие две села. Автобусите ќе се движат на оваа релација од почетокот на наредната година.

– Тоа ќе бидат селото Аргулица и селото Козјак. Веќе во јануари почнува превозот до овие населени места, со тоа што жителите ќе имаат можност да го користат во текот на денот – вели Паунов.

Дополнително, во наредниот период ќе се разгледува можноста да се воведе јавен градски превоз и до селата Долни Балван и Крупиште. На таков начин, по 20 години, жителите од сите населени места во Општина Карбинци ќе имаат превоз до градот Штип.

– Она за што разговаравме се селото Долни Балван и селото Крупиште, кои ќе бидат предмет понатаму. Ама нив ги имаат резервирано превозниците од другите градови. Но, ќе ги разгледаме и можно е да ги додадеме во целиот овој проект – вели Паунов.

Тој апелира до граѓаните на Општина Карбинци да го користат јавниот автобуски превоз, бидејќи на таков начин поевтино ќе стигнат до градот Штип.