Австриските авиокомпании ги прекинаа летовите за Техеран, Луфтханза нема да го користи иранскиот воздушен простор

593

Аустријан ерлајнс, последната западноевропска авиокомпанија што полета за Иран, соопшти дека ги прекинува сите летови од Виена до Техеран до 18 април како одговор на ескалацијата на тензиите во регионот.

Австриската авиокомпанија продолжи да лета до иранската престолнина подолго од нејзината матична германска Луфтханза, бидејќи Виена е поблиску до Техеран, што значи дека би можела полесно да ги откаже летовите или да го остави персоналот во Техеран преку ноќ, ако биде принудена.

Ќе бидат изменети и маршрутите кои минуваат низ иранскиот воздушен простор, се вели во соопштението на компанијата, во кое се истакнува дека безбедноста на патниците и членовите на екипажот е приоритет.

Во меѓувреме, германската авиокомпанија Луфтханза објави дека нема да го користи иранскиот воздушен простор и дека ќе продолжи со суспендирање на летовите до и од Техеран до 18 април, поради зголемените тензии на Блискиот Исток.

Во соопштението што го објави портпаролот на компанијата во петокот, се наведува дека авионите на Луфтханза повеќе нема да го користат иранскиот воздушен простор поради информациите дека Иран ќе изврши напад врз Израел во наредните денови, пишува весникот „Штутгартер Нахрихтен“.

Луфтханза претходно најави дека ќе ги прекине летовите до иранската престолнина до сабота, пишува германскиот весник. Вчера, по германското Министерство за надворешни работи, австриското МНР ги повика своите граѓани да го напуштат Иран.

Претходно медиумите објавија дека Израел се подготвува за најлошото сценарио, односно за напад од Иран, како одмазда за нападот на Израел врз иранскиот конзулат во Дамаск, Сирија, кога беа убиени неколку ирански воени службеници.

Двајца американски функционери изјавија за Си-би-ес дека во нападот ќе бидат употребени повеќе од 100 беспилотни летала и десетици проектили насочени кон воени цели во Израел.