Австралиските пожари проголтаа македонско наследство во Талбинго

240

Меѓу целосно уништени домови е и викенд куќата, своевиден етно-музеј на Жаклина Михајлова во Талбинго, село во Снежните Планини на Нов Јужен Велс, во кое повеќе од една третина се Македонци. Оваа наставничка по македонски јазик од Сиднеј, поетеса и претседател на македонски просветителен одбор од Нов Јужен Велс, домот го изгуби токму на божикните празници. Како што истакна, од куќата остана само пепел, а огнот го проголта македонското наследство во неа старо повеќе од 300 години 

Пожарите кои во Нов Јужен Велс, Австралија, избувнаа во ноември, брзо се раширија на целиот континент голтајќи се пред себе. Сепак, иако има пожари во сите шест држави во Австралија, Нов Јужен Велс го претрпе најлошото. Севкупната материјална, економска и психолошка штета од пожарите, како што јавува австралиското СБС Радио, на програма на македонски јазик, допрва ќе се утврдува, но како што велат она што со сигурност се знае е дека досега се уништени 1870 домови во Нов Јужен Велс, каде што екипите за проценка на штетите се веќе на терен. Од 1 јануари до сега извршена е проценка на повеќе од 10.000 објекти од кои е утврдено дека се целосно уништени 771 дом.

Токму меѓу тие целосно уништени домови е и викенд куќата, своевиден етно музеј на Жаклина Михајлова во Талбинго, село во Снежните Планини на Нов Јужен Велс во кое повеќе од една третина се Македонци. Оваа наставничка по македонски јазик од Сиднеј, поетеса и претседател на македонски просветителен одбор од Нов Јужен Велс домот го изгуби токму на божикните празници. Како што истакна, од куќата остана само пепел, а огнот го проголта македонското наследство во неа старо повеќе од 300 години.

„Сe’ се случи многу бргу, огнот дојде преку планините. За среќа од сите куќи во ова село, кое се наоѓа на половина пат меѓу Сиднеј и Мелбурн, изгореа само две куќи на фарми и нашата која беше прва на удар. Другите куќи во селото во кое има и црква „Свети Павле“ се спасени и тоа од страна на само осум пожарникари од кои половина доброволци, две пожарни возила и два приватни камиона. Сега можат да се видат изгорени дрва како црни чепкалки кои претставуваат опасност бидејќи можат да се урнат во секој момент, изгорени животни, а по патот ретко поминуваат камиони. Главно се камиони за расчистување“, раскажува Михајлова за СБС Радио, потресена од глетката што ја затекла при посетата на куќата. Таа вели дека има многу изгубени куќи, но дека оваа куќа всушност била македонски музеј. Жал и е што загубата на нејзиниот дом во Талбинго, во кој ги пишувала своите песни и приказни за деца, е и загуба за целата македонска заедница на овој простор со оглед дека во неа се наоѓало семејното наследство и артефакти кои со години ги собирала и купувала со цел да бидат дел од македонскиот етно-музеј кој треба да се отвори во Сиднеј.

„Тука беа стари свилени рачно ткаени завеси од мојата прабаба која чуваше свилени буби од кои правела свилен конец, рачни изработки, македонски килими и рачно ткаените народни носии, покуќнина… , артефакти кои требаа на светот да му покажат дека тука живее македонска заедница. Талбинго е значајно од повеќе причини, бидејќи тука во 50.60. и 70. години од минатиот век пристигнаа Македонци кои работеле на изградба на најголемата хидроцентрала на јужната хемисфера, ја нашле својата прва работа и со себе го донеле и своето семејство“, објаснува Михајлова.

За трагедијата која и се случила вели Михајлова, брзо се расчуло низ Австралија, по што се јавиле и голем број Македонци кои посочиле дека ќе донираат стари предмети со цел што побрзо да се реализира отворање на етно-музеј… (Д.Т.)

Состојбата во Австралија и понатаму критична

Според противпожарните служби само во Нов Јужен Велс сè уште горат околу 100 пожари, а 36 се сè уште надвор од контрола. Од почетокот на пожарите загинати се 23 лица, а уништено е повеќе од 11,2 милиони хектари шума земјата.

Голема опасност е и енормната загаденост на воздухот поради чадот, а постои и опасност од паѓање на запалени дрвја, поради што жителите од загрозени подрачја се евакуираат со оклопни возила.

Некои проценки велат дека дури милијарда животни, угинале во огнот или се во животна опасност поради недостаток на храна и засолниште. Владата на Нов Јужен Велс започна акција во чии рамки од авиони се исфрла храна за да се нахранат животните кои се избегани од своите живеалишта.

Прогнозите, пак, за силни дождови оваа недела според надлежните најверојатно нема да ги запрат пожарите во Австралија.