УЈП СООПШТИ КОЈ НАЈМНОГУ ЗАРАБОТИЛ ВО 2016 ГОДИНА: Кој е парајлијата од здравството кој лани секој месец примал плата од 225 илјади евра?!

53

Највисоката бруто плата, од 2,7 милиони евра (167.786.446 денари) на годишно ниво, или 225 илјади евра месечно лани била исплатена во приватното здравство, а највисоката пензија од околу 2.500 евра, или на годишно ниво околу 30 илјади евра ја добивал жител на Скопје. Најголемиот годишен бонус исплатен лани, пак, изнесувал 416.260 евра.

 

Скопјанец е човекот кој минатата година заработил најмногу пари. Во годишната даночна пријава што ја доставил до Управата за јавни приходи навел дека во 2016 година имал бруто приход од 4,1 милион евра, (9.255,4 милиони денари), што значи дека неговата просечна месечна заработка надминувала 346 илјади евра. Највисоката бруто плата, од 2,7 милиони евра (167.786.446 денари) на годишно ниво, или 225 илјади евра месечно лани била исплатена во приватното здравство, а највисоката пензија од околу 2.500 евра, или на годишно ниво околу 30 илјади евра ја добивал жител на Скопје. Најголемиот годишен бонус исплатен лани, пак, изнесувал 416.260 евра.

Управата за јавни приходи по четири години пауза, вчера ги соопшти податоците за највисоките остварени приходи во државата во 2016 година врз основа на анализата на поднесените Годишни даночни пријави. Според таа анализа, освен во приватното здравство, неколкуте највисоки плати се поделени и во трговијата, производството на фармацевтски производи и препарати, неспецијализираната трговија на големо, компјутерското програмирање, производството на фабрикувани метални производи, производството на печки и горилници, специјалистичката медицинска пракса и во адвокатурата.

Освен скопјанецот, на списокот пензионери со најголеми приходи има и струмичанец, кој пријавил дека лани заработил уште повеќе од него, околу 680.000 евра, но не само од пензијата, туку и по други основи.

Највисоката остварена капитална добивка, пак, изнесувала 82,8 милиони денари, а досега највисока таква добивка е пријавена во 2008 година, кога изнесувала 908.995.813 денари. Од повремено вршење услуги жител на Велес заработил 58,3 милиони денари, додека граѓанин од Скопје пријавил заработка од 109,1 милион денари од дивиденди и други приходи остварени од учеството во добивката.

Прворангиран според вкупно остварени приходи од имот и имотни права во кои спаѓаат издавање земјиште, станови и деловни простории, превозни средства и друг вид имот, во 2016 година е жител на Тетово кој пријавил 65,5 милиони денари. Највисок вкупен бруто приход од 17,3 милиони денари од авторски права и права од индустриска сопственост пријавил обврзник од Скопје.

Од милион до 27 милиони денари се износите што ги пријавувале граѓаните од добивки од лото, обложување, казино и учество во наградни игри, при што највисока добивка, односно вкупен бруто приход од игри на среќа, остварил жител на Скопје кој само по тој основ пријавил 27,5 милиони денари.

Меѓу граѓаните кои лани пријавиле најголем годишен приход, по скопјанецот со 4,1 милион денари, на списокот е еден негов сограѓанин, со за нијанса помали приходи. Трет на листата е стружанец со двојно помали приходи од нив, а зад него е кочанчанец.
Како што информира директорката на УЈП, Сања Лукаревска, лани годишна даночна пријава до УЈП поднеле 439.689 граѓани кои пријавиле годишни бруто приходи од 173.592.004.847 денари, како и персонален данок од 10.133.228.081 денар. Наспроти нив 63 илјади физички лица не доставиле годишна даночна пријава во законски пријавениот рок до 15 март минатата година. Дел од нив доброволно се пријавиле во УЈП и го платиле данокот.

Според Лукаревска, со обврзниците кои се уште не ја исполниле обврската се контактира со цел, како што вели, доброволно да се усогласат, затоа што целта не е веднаш да се спроведува казнена политика. За оние кои сепак нема да ја поднесат пријавата и нема да го платат данокот е предвидена казна во висина од 100 до 200 евра во денарска противвредност.
Како и обично, и лани најмногу ГДП се поднесени во Скопје, 169.943, а најмалку пријави лани добила регионалната дирекција на УЈП во Тетово. Најголемиот број граѓани, или 421.244, оствариле бруто приходи кои се движат од 100 илјади до милион денари, а 21.945 граѓани, пак, имаат бруто приходи од над милион денари.

Лукаревска информира дека граѓаните ќе имаат обврска да поднесуваат ГДП уште наредната година. Од 2019 година тоа во нивно име ќе го прави УЈП.

(С.Ву.)