УЈП: Забраната за вршење дејност завршува веднаш по плаќањето на глобата

51

Согласно измените и дополнувањата на Законот за регистрирање на готовинските плаќања Управата за јавни приходи издаде нова верзија на брошурата „Фискализација и регистрирање на готовинските плаќања“ за 2018 година.
Оваа брошура, пред се, е наменета да обезбеди насоки за даночниот обврзник како да воведе фискален апарат, но и претставува водич како да се разрешат проблемите со кои се среќаваат во пракса, а се однесуваат на фискализацијата и издавањето фискални сметки.

Истовремено, од УЈП укажуваат дека со најновите измени на законот предвидени се олеснувања на казнената политика во делот на фискализацијата. Олеснување има кога УЈП ќе изрече глоба за непоседување на фискален апарат. Тогаш на даночниот обврзник му се овозможува да продолжи со работа пред истекот на времената забрана за вршење на дејност, само доколку набави фискален апарат и претходно поднесе барање до УЈП со прилог доказ за набавен фискален апарат и платена глоба.

За даночните обврзници има олеснување и кога имаат забрана за вршење на дејност во деловната просторија (објект) поради неиздавање фискални сметки за извршениот промет или извршената услуга и тоа се состои во можноста даночниот обврзник да продолжи со работа пред истекот на времената забрана за вршење на дејност ако ја плати глобата. Ако обврзникот ја плати глобата за време на траење на изречената забрана за вршење на дејност, треба да поднесе барање до УЈП и да приложи доказ за платена глоба. Во тој случај, УЈП ќе го отпечати деловниот простор и ќе му дозволи на обврзникот да продолжи со вршење на дејност.

– Апелираме даночните обврзници кои вршат промет на добра и услуги за кои плаќањето се врши во готово, задолжително да издаваат фискални сметки на потрошувачите, на начин пропишан со Законот за регистрирање на готовинскиот промет, со цел избегнување на казни. УЈП спроведува засилен мониторинг на готовинскиот промет на терен во делот на фискализацијата, велаѕ од УЈП.