Секој втор вработен во Македонија прима плата во пликo

64

Експертите од земјава и регионот сметаат дека причина за избегнување на плаќањето на давачките кон државата е недовербата во тоа дека парите ќе завршат на вистинското место, како на пример во здравството, образованието и слично

 

На секој втор вработен во Македонија, или на 44 проценти од вкупниот број приходите им се целосно или делумно непријавени. Притоа, само 56,8 проценти од вработените со основно образование имаат писмени договори за работа, а давањето мито е карактеристика на една десеттина на бизнисите во државата. За купен производ лани не добиле фискална сметка 11,6 проценти од потрошувачите во Македонија, па наспроти ЕУ, каде што даночните приходи изнесуваат 45 проценти од БДП, кај нас тие се 29 проценти.

Ова се само дел од податоците за владеењето на сивата економија во Македонија, до кое дошол Центарот за истражување и креирање политики – ЦРПМ во регионално истражување вршено и во Албанија и Косово. Резултат од тоа истражување е и податокот дека секој петти испитаник во сите три земји повеќе сака да работи непријавен. Во примерите за непријавена работа се забележани случаи кога работник во фабрика има втора работа како нерегистриран водоводџија за мало домаќинство, електричар мести бојлер и е платен во готово, а потоа не го пријавува приходот, ИТ професионалец, покрај својата минимална плата на која е пријавен добива и дополнителна плата во плико, самохрана мајка на две деца, во корист на работодавецот се согласува да работи со договор на неопределно време за да ја задржи работата и да ги покрие трошоците на домаќинството…

Според главната истражувачка, Ана Мицковска-Ралева, мерено на скала од 1 до 10, индексот на сива економија во Македонија изнесува 3,4 и е помал отколку во Албанија, каде што е 4 и од Косово каде што изнесува 7. Но, проблем е што нашата земја стангнира на тој индекс од 2014 година наваму. На регионалниот Форум за скриена економија што се одржа вчера во Скопје, таа порача дека мора повеќе да се работи на свеста и кај граѓаните и во стопанството за тоа дека редовното плаќање на даноци всушност значи и поквалитетен живот за сите. Ги повика работниците да се охрабрат да пријават прекршувања на правата од работен однос и кога имаат опција да бидат непријавен работник со повисока плата или пријавен со пониска, да победи изборот да бидат пријавени работници.

– Истражувањето покажало дека неиздавањето на фискалните сметки во Македонија е поголемо кај усугите отколку кај стоките. Пријавување помали приходи од реалните, пријавување понизок обрт, регистрирање фиктивни компании за да се создадат фиктивни документи, а потоа фирмите се затвораат за да се прикрие трагата. Користење на фиктивни фактури и лажирање докуметн, особено во однс на ДДВ. Извлекување готовина од компанијата преку заеми, за да се избегне плаќање данок. Поради сево ова инспекторите се соочуваат со проблеми во докажување веродостојност на документите за обртот на фирмтие, истакна в.д. Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, која потсети дека данокот мора да се плаќа, па сите оние кои се обидуваат да го избегнат, ќе бидат санкционирани како што предивдува законот.

Даночните експерти оценуваат дека една од причините за високиот порцент на сива економија во регионот е тоа што бизнисмените не веруваат дека парите што тие ги одвојуваат за државата одат на вистинскоот место, односно за подобро здравство, образование и слично.

– Нашиот регион е еден од најцрните региони во Европа во однос на сивата и црната економија. Бројките се загрижувачки, но тенденцијата е добра. Македонија има добри резултати кај евазија на ДДВ, Претприемачите се луѓе кои се навикнати да добиваат вредност за парите. Тие неамат волја да плаќаат данок и секогаш кога можат се обидуваат да не го платат, зашто се уверени дека парите не завршуваат каде што треба. На пример, плаќаат придонес за здравство и на крајот се лечат приватно. Плаќаат во Фондот за пензиско, а на крај државата зема кредит за да го дополнува Фондот, вели економскиот аналитичар Зоран Витанов и додава дека во целиот регион свесноста е на многу ниско ниво, а за Македонија најзагрижувачки се работата на црно и неплаќањето на персоналниот данок.

Слично размислува и хрватскиот експерт за истражување на скриената економија Јосип Фрањиќ. Тој ги пренесе искуства од Хрватска според кои и по влезот во ЕУ, главен проблем и натаму останува недовербата помеѓу граѓаните дека плаќањето данок значи и дека собраните средства наменски и во целост ќе се потрошат за нивните и потребите на државата. Иако е членка на ЕУ и во Хрватска се даваат плати во плик, презентираше тој, при што забележа дека тоа не е карактеристичко за необразованите работници, туку напротив, за оние со оние со високо образование, на приомер стоматолозите и адвокатите.

(С.В.)