Половина милион граѓани уште годинава ќе поднесуваат Годишна даночна пријава

83

Од УЈП потсетуваат дека крајниот рок за поднесување на ГДП во хартиена форма или електронски е 15 март и информираат дека уште отсега граѓаните можат да се регистираат во системот е-Персонален данок, иако најавените промени, кога ГДП ќе ја пополнува УЈП, а обврзникот само ќе ја потврдува или коригира, ќе стартуваат од наредната година

 

Околу половина милион македонски граѓани годинава последен пат имаат обврска да поднесат Годишна даночна пријава во Управата за јавни приходи. Од следната година пријавата ќе ја пополнува УЈП, а граѓаните само ќе ја потврдуваат или ќе ја коригираат, а се тоа ќе се одвива електронски.

Од даночна управа потсетуваат дека ГДП треба да се поднесе најдоцна до 15 наредниот месец и тоа на шалтер, по пошта, а оние кои имаат дигитален сертификат – електронски. Рокот за поднесување тече и до според податоците на УЈП до крајот на минатиот месец ГДП поднеле вкупно 2.420 граѓани, од кои 2.300 во хартиена форма, а 120 преку системот е-даноци.

– Поднесувањето на ГДП е од 1 јануари до 15 март. Досега се поднесени речиси ист број пријави како лани в истиот период, така што може да се повтори старата практика да се чека последниот момент. Лани беа поднесени вкупно 439.685 ГДП, а и годинава се очекува сличен број, околу половина милион, велат од УЈП.

Годишна даночна пријава за платениот персонален данок на доход треба да поднесат сите резиденти на Република Македонија кои во текот на минатата 2017 година оствариле дополнителни приходи покрај оние од плата, пензија, земјоделска дејност и самостојно вршење на дејност. Конкретно, ГДП се поднесува за приходите остварени во земјата и во странство од награди, бонуси и други надоместоци од работен однос, кирии (издавање на имот – закуп или подзакуп), авторски права и права од индустриска сопственост, дивиденди, учество во добивката и камати по заеми дадени на физички и правни лица, капитални добивки од продажба на учество во капитал и недвижен имот, добивки од лотариски игри на среќа, електронски игри на среќа, наградни игри и интерактивни игри на среќа, во износ поголем од 5.000 денари по поединечна добивка, приходи од игри на среќа преку специјализирани странски интернет страници, приходи од интернет на пример е-трговија, услуги извршени преку специјализирани страни, поставување реклами на сопствени интернет страни, прогнози – дојави на типови за спортски натпревари, лични примања од странство за активности поврзани со работењето во Република Македонија, работно ангажирање во амбасада, во меѓународна организација и други дополнителни видови на приходи, остварени надвор од редовната плата или пензија.

Од УЈП апелираат до граѓаните навреме да ја поднесат ГДП годинава за да не се создаваат вообичаените метежи во последните денови. Исто така, информираат дека е активен системот е-персонален данок преку кој следната година ќе се пријавува, пресметува и плаќа персоналниот данок, па граѓаните можат уште отсега да се регистрираат на него.

– Новиот начин на поднесување ГДП ќе почне од следната година, но на обврзниците им даваме рок од една година да се регистрираат на системот е-персонален данок, за да не се случи следната година, тоа да се прави во последен момент, посочуваат од Управата.

Инаку, од следната година Управата за јавни приходи до 30 април ќе ги пополнува сите годишни даночни пријави и по електронска пошта ќе ги доставува до граѓаните. Тие, пак, до 31 мај ќе треба да ја потврдат или да ја коригираат. Ако УЈП ја прифати коригираната ГДП, ако има потреба од доплата на персоналец, ќе треба да се плати. Даночниците информираат дека во системот е-Персонален данок е предвидено решение и за граѓаните кои не знаат да работат со компјутери или немаат електронска пошта. Освен лично, предвидена е опција пријавата да ја потврди или коригира и сметководител или лице на кое му е дадено полномошно.

До 10 овој месец се поднесуваат електронски пресметки за приходите од физички лица

Во системот е-Персонален данок веднаш треба да се регистрираат физичките лица кои имаат приходи од физички лица и лицата кои продаваат свои производи надвор од зелените пазари. Тие имаат обврска преку овој систем до 10 овој месец да ги поднесат првите пресметки.

Весна Новаковиќ, портпарол на УЈП, истакна дека со новините се поедноставува постапката, а регистрацијата е едноставна и се врши во системот е-Персонален данок. Единствен услов за регистрација на системот е да се има валидна е-пошта, која ќе биде корисничко име за најава и ќе служи за комуникација со Управата за јавни приходи.

Елена Петрова од УЈП вели дека досега се поднесени 32.496 електронски пресметки за кои целосно се генерирани налози за 17.828 и во фаза на потпишување се 3.301. Во системот се регистрирано 21.000 физички лица, меѓу кои се и оние кои претходно биле регистрирани во системот е-даноци.

Електронска пресметка поднесуваат граѓаните за приходи од издавање на имот на друго физичко лице до 10 во месецот, кој следува по месецот во кој е склучен договорот или по месецот на издавање. Во случај на склучен договор за цела година, се поднесува електронска пресметка (е-ППД) за цела година, односно за времетрањето на закупот. До 10 овој месец се поднесува електронска пресметка и за капитални добивки од продажба на хартии од вредност, недвижен имот и учество во капиталот, за приходи од странство остварени во претходниот месец, лични примања од дипломатски, односно конзуларни претставништва на странски држави, кај претставници и службеници на такви претставништва кои имаат дипломатски имунитет и за кои даночниот обврзник сам го утврдува и уплатува данокот и други приходи остварени со е-трговија преку специјализирани интернет страници, приходи од интернет маркетинг услуги, приходи остварени со продажба на корисен цврст отпад, исплатите на име специјализации, постдипломски студии.

Опфатени се за пријавување и приходите од продажба на сопствени земјоделски производи на физички лица надвор од продажни места на зелени пазари.

 

Нема да има веднаш казни за граѓаните кои не се регистрирале за ДДВ

Управата за јавни приходи ќе чека физичките лица, кои во 2017 оствариле промет над еден милион денари доброволно да се регистрираат како ДДВ обврзници и нема веднаш да ги казнува.

За зголемување на прагот од еден на два милиони денари се размислува, но од следната година.

Владата не направи измени на Данокот на додадена вредност, се постапува како и досега, вели директорката на УЈП, Сања Лукаревска. Таа годинава не очекува промена на бројот на физички лица кои се регистрирани за цели за ДДВ.

– Платите независно од висината, не се оданочуваат со ДДВ, исто така платите не се земаат предвид при пресметување на вкупниот промет за цели на регистрација на ДДВ. Обврската ги опфаќа физичките лица кои самостојно вршат стопанска дејност, односно вршат испораки на добра и услуги, и тоа во континуитет, и притоа го надминуваат пропишаниот праг од еден милион денари на годишно ниво. Физички лица кои изнајмуваат станови не подлежат на обврската за ДДВ, исто така определени услуги кои се вршат спрема странски субјекти, на пример програмерски, не подлежат на обврската за ДДВ#, рече директорката на УЈП, Лукаревска.

По бурните реакции во јавноста за тоа што граѓаните кои имаат дополнителна заработка поголема од еден милион денари стануват ДДВ обврзници, од Министерството за финансии неодамна изјавија дека ќе се направат анализи за да се види дали има потреба зголемување на прагот над кој се станува ДДВ обврзник.