Наместо да им враќа, државата ќе им наплаќа ДДВ на граѓаните

43

Сите кои во текот на минатата година оствариле приходи над еден милион денари, односно 16.200 евра, имале обврска до 15 овој месец да се регистрираат како ДДВ обврзници. УЈП реши да почне да спроведува решението кое досега не се спроведувало, па побара и од хонорарците да плаќаат ДДВ. Глобите за физичките лица кои до средината на месецов не се регистрирале како ДДВ обврзници изнесуваат од 250 до 375 евра.

– Во вкупниот промет за регистрација за целите на ДДВ влегуваат приходите остварени врз основа на вршење стопанска дејност, како што се дејностите на вештаци и стечајни управници, приходи од земјоделска дејност, приходите остварени врз основа на договор на дело, приходите остварени од издавање под закуп на деловен простор, приходите остварени од авторски договори и права од индустриска сопственост, приходите по основ на членување во надзорен одбор и слично, појаснија од УЈП.

Практично, тоа би значело дека годинава за секој остварен приход над поставениот лимит, освен персонален данок на доход, ќе се плаќа и ДДВ од 18 или 5 проценти.

Ова крена бура од негодувања во јавноста, но предизвика и секојдневни препукувања, објаснувања и обвинувања на релација опозиција-власт. Ситуацијата се обиде да ја појасни и Бранимир Јовановиќ од кабинетот на министерот за финансии.

– Обврзник е секое лице кое врши самостојна стопанска дејност. Тука нема никаква промена направена во изминатиов период. Ова е отсекогаш, од самото донесување на законот за ДДВ односно од 1999 година. Прашањето што се поставува е зошто ова порано не се спроведувало, изјави тој.

ВМРО-ДПМНЕ по повикот од УЈП за регистрација и на граѓаните за ДДВ обврзници обвини дека владата на СДСМ воведува нова давачка, наместо да го реализира ветеното враќање на ДДВ. Од СДСМ, пак одговараат дека тоа не е нова давачка, туку решение од 1999 година, кога министер за финансии беше Никола Груевски. Од владејачката партија уште најавуваат дека се разгледува можноста за промена на Законот за данок на додадена вредност за да се зголеми прагот за станување ДДВ обврзник.