(НАД 130 ДАНОЧНИЦИ ДАРУВАА КРВ) Лукаревска: Хуманата страна ќе биде заштитен знак на УЈП

72

Вработени во Управата за јавни приходи (УЈП) вчера даруваат крв во пресрет на одбележувањето на “Денот на даночниците” во рамки на Програмата за општествена одговорност.
Во активностите се вклучени над 130 даночници кои ќе даруваат крв на 15 пункта во центрите за дарување во Скопје, Битола, Тетово, Гостивар, Кичево, Охрид, Струга, Прилеп, Кавадарци, Велес, Гевгелија, Струмица, Штип, Куманово и Кочани.

– Под мотото “Капка крв спасува живот” низ цела Македонија колегите од Управата за јавни приходи даруваат крв со цел да го покажеме нашиот хуманитарен пристап, изјави директорката на УЈП, Соња Лукаревска, која ги посети крводарителите во пунктот во Домот на хуманитарни организации “Даре Џамбаз”.

Како што информира Васе Неданоски, претседател на Синдикалната организација на УЈП, во просек годишно од оваа институција има 150 пријавени крводарители.

УЈП ја организира акцијата во соработка со Синдикалната организација. Дел од заедничките хуманитарни активности на даночниците, како што е најавено, ќе биде и симболична донација во вредност од 105.580 денари за јавната установа Дом за доенчиња и мали деца во Битола.

Програмата за општествена одговорност на УЈП во соработка со Синдикалната организација ќе продолжи да се фокусира на најранливите категории граѓани, најмладите, вработените во УЈП, животната средина…
На Денот на даночниците на 29 ноември најавуваат фудбалски натпревар помеѓу даночниците од Штип, Струмица и Скопје во насока на промовирање на спортскиот и натпреварувачки дух помеѓу вработените.