И в година ќе се чека во ред за поднесување ГДП, а од 2019-та пријавите ќе ги пополнува УЈП

62

Од 2018 година фирмите ќе почнат електронски да ги поднесуваат пресметките за персоналецот до УЈП, а олеснување за граѓаните ќе има дури од 2019 година кога ќе добиваат пополнети годишни даночни пријави кои ќе треба само да ги потврдат

Уште една година граѓаните ќе чекаат во ред пред шалтерите на Управата за јавни приходи за да ја поднесат годишната пријава за персонален данок од доход, а веќе од 2019-та пријавите за нив ќе ги поднесуваат даночниците.

Едногодишниот проект “Поедноставување на процедурите за пријавување и плаќање на персонален данок од доход за даночни обврзници – физички лица#, поддржан од Европската Унија со стотина милиони евра заврши со креирање електронска алатка е-персонален данок на доход. Со тоа од 2018 година фирмите ќе почнат електронски да ги поднесувата пресметките за персоналецот до УЈП, а една година подоцна, од 2019, олеснување ќе почувствуваат и за граѓаните, кои наместо да поднесуваат на шалтер или електронски пополнет ГДП образец, од УЈП ќе го добиваат готов и само ќе треба да го потврдат. На завршниот настан од овој проект, што се одржа вчера, министерот за финансии, Драган Тевдовски посочи дека неопходните законски измени за овие реформи во УЈП се веќе изготвени и до крајот на годинава треба да бидат донесени. Реализацијата на овој проект, како што рече, ќе им помогне на фирмите и граѓаните зашто се олеснуваат процедурите, на државата, затоа што ќе се зголемат приходите и на Управата за јавни приходи затоа што ќе се модернизира.

– Ги вградивме најдобрите европски практики по македонски рецепт и развивме услуги со кои можеме да се носиме рамо до рамо со модерните даночни администрации. Новите електронски услуги за персонален данок овозможуваат во целост поедноставување на постапките и намалување на административниот товар за пријавување и плаќање на данокот од страна на фирмите и на граѓаните. Исто така, овој систем овозможува информации и за другите државни инстиуции, истакна директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска и додаде дека еден од бенефитите е и укинување на годишните извештаи за персонален данок на фирмите од 2019 година.

Проектот за реформи во УЈП освен со европски, е поддржан и со пари од буџетот на Македонија во висина од 6,2 милиони евра.

(С.Ву.)