ИНТЕРВЈУ, ИГОР ЈАНУШЕВ: Функционери од власта вмешани во новата афера „Вирус“

Не може да се каже дека случајот „Рекет“ би имал разрешница ако не се оди до крај, ако остане неразјаснета улогата на Кирацовски или Ременски, на пример. Или, пак, до крај не се расветли оној исказ на Јовановски, кој кажа дека пиел кафе со Рускоска, која пак му говорела за детали од истраги, или пак да се расветли, на пример, која е министерката, кои се судиите и обвинителите кои го посетувале домот на Јовановски. Најважно, да се каже кој го предупредил Бојан Јовановски дека е пријавен за рекет и каде завршила торбата „луј витон“ полна со пари, вели опозицискиот ген-сек.  Јанушев во интервјуто зборува за УСБ-то што го имал премиерот Зоран Заев, за оживувањето на амнестијата, и останува на ставот дека експремиерот Никола Груевски треба да се врати во земјава

1036

Четириесет рочишта за најголемата корупциска афера се закажани за до пролет, веќе има едно признание за вина, влегува ли предизборието во сенка на Рекет?

Не е само еден случај туку дузина „Рекети“, кои и се случуваат на Владата што е раководена од Зоран Заев. Пред очи имаме една режирана претстава каде што луѓето на власта во судството и обвинителството треба да лоцираат вина за рекетираните милиони во неколку луѓе, случај, каде што можеби ги имаме учесниците на еден криминален чин, но инспираторите и нарачателите остануваат неопфатени, иако тие јасно се надзираат и може да се претпостават. Не може да се каже дека случајот „Рекет“ би имал разрешница ако не се оди до крај, ако остане неразјаснета улогата на Кирацовски или Ременски на пример. Или пак, до крај не се расветли оној исказ на Јовановски кој кажа дека пиел кафе со Рускоска, која пак му говорела за детали од истраги, или пак да се расветли на пример која е министерката, кои се судиите и обвинителите кои го посетувале домот на Јовановски. Најважно, да се каже кој го предупредил Бојан Јовановски дека е пријавен за рекет и каде завршила торбата „луј витон“ полна со пари. Знаете, правдата нема да биде задоволена само со затвор за некој од сега обвинетите туку треба да се оди до самиот крај, до инспираторот на самиот случај кој мене ми личи дека е вовлечен во удобната фотелја на „Илинденска“.

Од она што досега го видовме, имаме претстава, но ја немаме вистината. Треба да се побара одговорност од оние кои стојат зад моќта на Бојан за да прави рекет, истите тие кои му ја даваа силата за тоа. За жал, правдата во Македонија е како Катица, еден ден посрамотена – со ќулавка на главата, другиот ден со лицемерна насмевка пред јавноста. Но, „Рекет“ не е само Катица и Бојан туку многу повеќе од тоа. Во тоа здружение на Бојан Јовановски членуваше без малку целото раководство на СДСМ, тоа беше нивен проект, а Бојан адут на Заев и тоа беше јавна тајна. Иако сега истите тие ги креваат рацете и се перат од одговорност, сепак тоа не се заборава, а сите ние имаме посилна меморија од тоа што СДСМ сака да имаме. Со оваа афера се фрла темна дамка и кон целото раководство на сегашната СДСМ.

Имате ли вие како партија докази за нови продолженија на „Рекет“? Ќе ги објавите ли доказите  за вмешаност  на високи функционери  во аферата ? Зошто уште чекате?

Нема лага која до сега ја ширеше СДСМ, а да не им се врати како бумеранг, секоја една невистина им се распрсна како меур од сапуница. И ние оставаме да видиме до каде ќе оди ова лудило, да видиме до кога самите ќе тонат во жив песок. Шака криминалци ни ја водат државата и мислат дека раководат со судбините на луѓето. Па, мислат дека нивните злодела нема да се дознаат.

Не би одел со детали, но секојдневно нам ни пристигаат информации за афери, сведоштва на луѓе за притисоци и закани, за корупција во сите ешалони. И тоа со документи, факти, лични сведоштва. И сè што имаме ќе објавиме, но мудро ќе ги употребиме тие информации. „Рекет“ има продолженија, но со ова обвинителство тие не може да имаат правен епилог. Се случи „Рекет 2“, и еве да запрашам до каде е тој случај, нема информација дека обвинителство воопшто отворило истрага за овој предмет. Имаме афера „Вирус“, каде што човек со име и презиме признава дека посредник од Агенцијата за лекови бил пратен да бара мито за да се тргува извесен лек, вели генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

И не само што нема истрага, нема ниту институционална реакција. И верувам дека нема да има само Рекет 2, туку и Рекет 3, и останати продолженија од кои јавноста ќе биде зграната за степенот на забеганост на власта и нејзиниот степен на лукративност и криминализираност. И овие афери нема да бидат исти како владините лажни вести туку вистински реални скандали, додава Јанушев.

фото: S. Плавевски

Господине Јанушев, знаете ли Вие кој од Влада му дојави на Бојан Јовановски дека е пријавен за „Рекет“?

Не е тешко да се претпостави, но еве ќе почекаме најповиканите, обвинетите во овој случај да ја кажат вистинита, и да не дозволат да ги заштитуваат нивните наредбодавци, бидејќи и тие самите се пуштени низ вода. Едноставно треба да знаат дека не вреди да ги заштитуваат.

За какво УСБ го потсетивте Зоран Заев?

Би сакал да го прашате Заев за ова, мислам дека тој и Катица Јанева би знаеле подетално да одговорат. Живо ме интересира нивниот одговор на ова прашање, колку што ме држи помнењето тие засега молчат за ова, а би било интересно да проговорат.

Кој е Вашиот став за оживување на амнестијата на Иванов и што тоа ќе значи за правосудниот систем ? Има ли политички договор за помилување?

Нема никаков договор со СДСМ, иако можеби Заев посакува, амнестијата за нас не е опција. Темата со амнестијата е стапица на СДСМ за да се одвлече вниманието од десетиците, стотиците афери кои го разобличуваат нивното владеење.

Ќе ги разочарам од СДСМ, но нека знаат дека ние компромиси со правдата не правиме. Тоа беше креирана тема од СДСМ и Заев за да ги мобилизираат оние членови од СДСМ кои сега се разочарани поради тоа што власта не испорачува правда, и сега треба после три години катастрофа на СДСМ да се занимаваме со стари теми. Еве нека знаат сега, и потоа, дека ние компромиси со правдата не правиме и амнестија за кого било, а особено за злоделата на Заев не планираме.

Што се однесува до самата тема, ВМРО-ДПМНЕ излезе со конкретни предлози до СДСМ, ајде да направиме измени со кој ќе забраниме амнестија на политичари, а  сите што се аболирани да не може да се занимаваат со политика. Воедно, да направиме и измени со кој ќе обезбедиме испитување на потело на имот на политичарите. Од Заев имаме константен молк, зошто Заев е единствен премиер кој е аболиран за криминал, а воедно ве уверувам дека е човек кој подготвува терен за некоја идна аболиција за да се извлече од одговорност. И секако, имаме премиер кој се плаши од проверка на потекло на имотот зошто тие милиони кои се заработени сомнежот е дека не се стекнати на чесен начин. Еве прилика да каже дека не сме во право, нека излезе и нека ги поддржи овие предлози на ВМРО-ДПМНЕ, во спротивно покажува дека амнестијата за криминалите е неговата најпосакувана опција. Еднаш се извлече со амнестија, втор пат нема.

Зошто не успеа автентичното толкување на Барањето за автентично толкување на членот 11 од законот за помилување?

Имаме јасно разобличување на власта која покажа дека целта беше дефокусирање на јавноста. Практично тие недела дена креваа фама и го повикуваа ВМРО-ДПМНЕ да се изјасни за толкување на закон кое тие самите не прифатија да се толкува. Толкувањето не успеа поради два факта. Првиот, дека имаме премиер и влада кои се правно неписмени и тргнаа во толкување на член од закон од 1993 година, донесоа заклучок дека нема потреба од автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување, бидејќи таков член воопшто не постоел. И вториот, затоа што со толкувањето ќе се отвореше амнестијата на Заев за „Глобал“.

Сфатија дека доколку Комисијата и Собранието донесат автентично мислење и толкување дека членот 11 од Законот за помилување не постои, тој автоматски ќе мора да стане составен дел, односно да се избрише од законот за помилување од 1993 година наваму. И тоа значи дека единствениот политичар корисник на членот 11 за помилување –премиерот Заев ќе немаше помилување и случајот „Глобал“ кога беше помилуван 2008 година ќе мораше повторно да се отвори. 

Непријатно е чувството колку површно размислуваат, впрочем и така ја водат државата, хазардерски и без концепт. Заев со неговите советници решил да се дефокусира јавноста, но не предвидел дека самиот паѓа во стапицата која беше намената на ВМРО.

Исклучени пратеници, незадоволство во актуелниот пратенички состав, шпекулации за нова партија со предзнак ВМРО… Ќе имате ли време партијата да се обедини до изборите напролет?

Ќе ве исправам, партијата е веќе обединета, со силен ентузијазам работи за победата која ќе се случи напролет. Партијата е со широко отворени врати за сите добронамерни луѓе кои сакаат да помогнат и да го дадат својот придонес. Она што не обединува е како да го поразиме ова зло кое државата ја турка кон дното, и да се избориме за обнова каква нашата земја заслужува. И јас немам илузии дека оние малкумина кои решиле и одбрале да слугуваат на Заев поради некој свој личен интерес ќе престанат да го прават тоа, но тие одамна ги загубиле вредностите кои нас не обединуваат. Штабовите се преполни, има одлична енергија, а ВМРО ќе издвојува убедлива победа што ќе значи надеж во која секој еден човек може да верува.

До формирањето на техничка влада останува уште не цел месец.  Со што прво ќе се зафатат вашите министри и заменици во тој преоден период?

Треба тие луѓе да обезбедат минимум услови за фер изборен процес и да ја осигурат волјата на народот. Имаме работа со нечесна влада, имаме работа со обвинителство кое не ги ни испитува и истражува случаите со рекордно брзо гласање на референдумот. Имаме влада која кумува зад криминално-рекетарско-полициски пресметки, како таа во „Александар палас“. Имаме работа со министер за внатрешни работи чие име се поврзува со сите проблематични дилерско-криминални кланови во државава. Имаме работа со Влада која корумпира гласови со армија на партиски вработувања на товар на буџетот на сите граѓани. Тие работи мора да се спречат. Таа техничка влада и луѓето на ВМРО мора да спречат кражба на гласовите на граѓаните и да ги ослободат луѓето од притисок. Јас знам дека Заев нема така лесно да се откаже од злоупотребите, практично тој знае дека по 12 април со неговата кариера е готова, но исто така знам дека ќе направи се за да го ублажи поразот и тоа на нечесен начин. Затоа, тие нечесни постапки треба да бидат пресретнати и осуетени, а техничките министри треба да ги заштитат законите и уставот.

Ќе биде ли Јанушев дел од техничката влада?

Не. Јас сум посветен на партискиот ангажман и предводењето на победничкиот Републички изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ. Би сакал во оваа прилика да искоментирам уште една работа, знам дека овие денови функционери од СДСМ спроведуваат акција од врата на врата, но вратите остануваат затворени за власта зошто го измамија народот. И тој револт дополнително ќе се зголемува. СДСМ не проаѓа кај народот зошто се коцкаа со Македонија и заедничката иднина.

Доколку дојдете на власт ќе има ли постизборен реваншизам?

Нема. Тоа мора да престане затоа што ние не сме СДСМ. Но, ќе има одговорност за криминалите, и ова се однесува на сите поранешни и на сите идни функционери. Без исклучок од која партија доаѓаат. Треба да знаат дека законите ќе важат за секого исто. И дека обновата не е само подобро утре за сите туку и верба и почитување на принципи. Обновата е надеж дека можеме, знаеме и ќе работиме подобро.

Како ја коментирате акцијата во фирмите на Орце Камчев, еден ден пред  неговото сведочење за случајот „Рекет“?

-Уште една груба манипулација, уште еден огромен обид за дефокусирање од главните теми поврзани со корупција што ги гледаме од оваа криминално рекетарска банда што е на власт. Професорката Гордана Силјановска како претседателски кандидат беше поддржана со 10.000 гласови, од најмалку 10.000 избирачи и беше поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.  За да се регулираат односите на кандидатот за претседател и политичката партија се склучи договор со меѓусебни права и обврски. По склучувањето на договорот се она што е потребно да се направи согласно изборниот законик е направено, регистриран е посебен правен субјект-кандидат за претседател и отворена е посебна трансакциска сметка во банка. Ставот 11 од членот 71 од изборниот законик јасно укажува дека во рок од 30 дена од  објавувањето на конечните резултати од изборите, таа сметка мора да се затвори. Законот воопшто не регулира што ако остане долг или ако има останато повеќе средства на истата сметка. Ние при поднесувањето на извештајот  откако е затворена сметката, финалните извештаи  се доставуваат во рок од 90 дена од објавувањето на конечните резултати, тоа е периодот август месец, ние имаме доставено извештај до ДИК, каде меѓу другото имаме констатирано  дека во текот на кампањата сме останале должни спрема две, или три, правни субјекти каде што вкупниот долг изнесува некаде околу 400.000 евра. Бидејќи во договорот за заеднички настап, со кој се регулирани односите помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска-Давкова, доколку остане некаков долг истите ќе ги преземе ВМРО-ДПМНЕ, ние како партија го имаме преземено долгот, мислам дека долгот кон една од фирмите е целосно покриен, додека за останатите имаме склучено спогодби за како ќе се регулира плаќањето за тој долг. Она што е можеби најинтересно во целиот овој обид на СДСМ да ја оцрни партијата е тоа што првичниот договор што е направен за време на изборите со една од фирмите од која се земени  услуги е тоа што и во самиот договор е наведено дека услугата ќе се плаќа на рати со одредена динамика. Тоа што се обидуваат да го направат поврзано со одредени бизнисмени е поврзано со сето она што се случува во последниов период. Нашиот  договор е со фирма која што, услугата која што нас ни била потребна како политичка партија ја обезбедила од сестрата на  Орце Камчев. Едно со друго апсолутно нема никаква врска – ниту станува збор за незаконско финансирање, ниту дека некој ќе ни го опрости долгот, голем дел од обврските се веќе исплатени, а останатите согласно утврдената динамика се исплаќаат согласно спогодбата за рати со правните субјекти.

Дали очекувате предистражната постапка да се прошири и за други лица од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи ве и вас, како потписник на сметката?

-Од оваа криминално рекетарска власт ништо не е неочекувано. Буквално сè е за очекување, вклучувајќи го и тоа дека за ден два може и да се премислат, бидејќи тоа го гледаме цело време откако на власт е Заев.

Дали е партиски став или лично Ваш повик до експремиерот Никола Груевски  да се врати во земјава и да ја отслужи казната?

Јас сум отворен и секогаш достапен да одговорам на секоја тема. Но, во исто време треба да се знае дека Никола Груевски не е премиер веќе 5 години, а 3 години власт во оваа земја е Зоран Заев, и темата Груевски е обид за дефокусирање од вниманието на вистинската катастрофа приредена од оваа власт. Што и да ви одговорам на ова прашање нема да ја смени реалноста во оваа држава, а таа е дека Владата на СДСМ донесе сиромаштија и не втурна во слепа улица. Инаку, конкретно во таа прилика од каде го црпите вашето прашање, ме прашаа дали сметам дека Груевски треба да се врати во земјава, јас реков да, и сè уште мојот став е непроменет. Исто така,кога веќе говорам на темава да прашам до каде е истрагата на Заев за заминувањето на Груевски, и еве да ни каже кога Заев лажеше – тогаш кога нè уверуваше дека Груевски заминал во гепек или кога велеше дека излегол од државава како слободен човек.

Јованка Царулеска- Груевска

Фото : Ѕ. Плавевски